Норвешка и Шведска со поддршка на Комисијата за европски прашања за преговорите за пристап во ЕУ

Скопје (21.03.2019) – „Нашата цел како комисија е Собранието на Република Северна Македонија да биде подготвено за почеток на пристапните преговори со Европската Унија“, изјави претседателот на Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Северна Македонија, г. Артан Груби, кој денес ја промовираше поддршката за вклучувањето во процесот на пристапни преговори која собранието ќе ја добие преку компонентата за зајакнување на капацитетот за ЕУ интеграција во рамките на проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија финансиран од Кралството Норвешка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој.

„Оваа поддршка на Комисијата за европски прашања доаѓа во вистинско време и е насочена кон подобрување на институционалните и административни капацитети на самата Комисија, експертски и технички, како на пратениците, членовите и замениците, така и на стручната служба која работи за нив. За прв пат во историјата на нашето Собрание, една собраниска Комисија, преку својата работа и соработка со партнерите и сојузниците на меѓународната заедница, добива директна поддршка како потврда на својата досегашна улога во градење на демократските капацитети“, изјави г. Артан Груби.
Фокусот на компонентата за поддршка на комисијата за европски прашања ќе биде обезбедување на помош за имплементација на соодветен план за обуки на Собранието како и експертска поддршка за унапредување на капацитетите за водење на преговори за пристап во Европската Унија.


„Соработката е клучна за пристапување во Европската Унија бидејќи со членството на ЕУ станувате партнер со многу други држави. Очекувам дека со пристапувањето во ЕУ, ќе се овозможи макроекономски раст во Северна Македонија. Се надевам дека тоа ќе се случи во најскоро време“, изјави г. Арне Бјорнстад, амбасадор на Кралство Норвешка.


Во следните две години Комисијата за европски прашања ќе соработува со искусни странски и домашни експерти кои веќе подолг период работат на прашања поврзани со процесите на ЕУ интеграции, кои своето искуство и експертиза ќе го пренесат на пратениците и на стручните служби во собранието.


„Членството на Северна Македонија во ЕУ е од огромен интерес и стратешка важност за сите. Со постојани напори за спроведување на реформи, лидерство и инклузивен процес, оваа цел може да стане реалност. Шведска ќе ве поддржи во тој процес, и затоа денес го промовираме овој проект“, изјави амбасадорот на Шведска во Република Северна Македонија г. Матс Стефансон.


Поддршката на комисијата за европски прашања е обезбедена преку Кралството Норвешка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој во рамките на проектот Нордиска поддршка за прогрес на Северна Македонија кој обезбедува поширока поддршка на повеќе државни институции во Република Северна Македонија во процесот на пристапни преговори со ЕУ.